Language switcher

Social

 

Работна средба за воспоставување на Меѓурегионален технолошки парк

На 07 ноември 2018 година во Велес се одржа работна средба на претставниците од Центрите за развој на Источен и Вардарски плански регион, претставниците од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Кржиштоф Малицки, експерт за трансфер на технологија при Универзитетот за технологија во Гдањск, Полска.

Работната средба имаше за цел координација меѓу партнерите во врска со понатамошните чекори во процесот за воспоставување на Меѓурегионален технолошки парк во Источен и Вардарски плански регион.

Како би се добило поголемо знаење околу значајноста на еден ваков објект, беше поканет и експертот од Полска, кој е советник на ректорот на Универзитетот за технологија во Гдањск за комерцијализација на интелектуална сопственост и раководител на паркот за трансфер на технологија.

Заедничката соработка во поглед на воспоставување на технолошки парк веќе е насочена кон процес за изработка на студија за изводливост за изградба на еден таков капацитет во Штип и во Велес, во која ќе бидат детално елаборирани дилемите во определувањето на приоритетите кон кои треба да се посвети внимание – изградба на физички капацитет, поттикнување на развојот на човечките капацитети или процентуален сооднос меѓу двата аспекта за меѓусебен развој.

Главната цел на Меѓурегионалниот технолошки парк ќе биде зајакнување на регионалната конкурентност и извозот преку воспоставување на инфраструктура за поддршка на интернационализацијата и иновациите, истовремено зајакнувајќи ја соработката помеѓу универзитетите, академските спин-оф и старт-ап компании и иновативните МСП во Источниот и Вардарскиот плански регион.