Language switcher

Social

 

Деновиве беше извршено воведување во работите за изградба на спомен-обележјето на местото на загинувањето на Никола Карев – Свиланово.

Градежните работи ќе ги извршува „Евроградба Инженеринг“ ДООЕЛ с.Владиевци, Василево. Изведувачот е избран преку Центарот за развој на Источен плански регион, а надзорот е на „Венци Проект“ ДООЕЛ Кочани.

– На површина од 460 м2 ќе биде поставено спомен-обележје на Никола Карев.  Околината ќе се уреди со три настрешници. Комплексот содржи четири амфитеатрални реда поставени кон југ, кон спомен-обележјето. Во центарот на комплексот ќе биде поставена и сегашната спомен-плоча, а ќе бидат изградени и патеки и шеталишта. Од источната страна се планирани седум паркинг-места – информира Александар Гицов, раководител на Одделението за урбанизам и заштита на животната средина во Општина Кочани.

Целта е овој дел од Осоговските Планини да биде привлечен за посетителите и да ги збогати туристичките содржини. Тоа ќе придонесе и за нови инвестиции во туристичката инфраструктура и за изградба на нови сместувачки капацитети. Едновремено спомен-обележјето ќе му даде достојано значење на претседателот на Крушевската Република – Карев во месноста Свиланово, кај кочанското село Рајчани.

Вкупната вредност на изведбените работи, согласно склучениот Договор помеѓу Центарот за развој на Источниот плански регион и Изведувачот изнесува 5 милиони 647 илјади 017 денари, од кои 5 милиони 197 илјади 515 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа – Биро за рамномерен регионален развој, а по 224 илјади 751 денари – од општините Кочани и Чешиново-Облешево.

Според планираното, работите ќе бидат завршени до крајот на оваа година. Одржувањето на ова спомен-обележје ќе биде одговорност на општините Кочани и Чешиново-Облешево.