Language switcher

Social

 

Министерството за финансии заедно со Центарот за развој на Источен плански регион на ден 08-ми Октомври, 2018 година (понеделник) во општина Штип организираа Информативен настан за објавениот Јавен повик бр. втор МСИП 02/2018, за доставување на барања за користење на средства од Вториот проект за подобрување на општинските услуги.

Предмет на овој оглас е доделување на финансиска поддршка во форма на под-заеми на единиците на локалната самоуправа наменета за подобрување на нивото и квалитетот на општинските услуги и основната инфраструктура со цел да се подобри транспарентноста, финансиската одржливост и реализацијата на таргетираните општински услуги во општините-учеснички. Средства наменети за оваа цел во рамките на Компонента А „Општински инвестиции“ се во износ од 8 милиони евра.

Во рамки на оваа финансиска поддршка предвидено е доделување на под-заеми за општините наменети за финансирање на инвестиции во областа на водовод и канализација, патна инфраструктура (вклучувајќи изградба и рехабилитација) и други инвестиции кои имаат потенцијал за генерирање приходи, односно остварување заштеди во комуналните услуги или во други области кои се од висок приоритет за општините–учеснички.

Видовите на инвестиции вклучуваат водоснабдување, канализација вклучувајќи мали пречистителни станици, управување со цврст отпад, подобрување на енергетската ефикасност на општински објекти,  локални патишта, пазари, улично осветлување, атмосферска канализација и рехабилитација и ограничена изградба на училишта, градинки и други установи за ран детски развој. 

Договорот за заем за Вториот проект за подобрување на општинските услуги (ИБРД – 8156 МК) е финансиран од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, Министерството за финансии.

Образецот – Барање за користење на средства и Проектното фише, заедно со Упатството за користење на Вториот МСИП заем, вклучувајќи го Оперативниот прирачник на проектот може да се подигне од веб страната на Министерството за финансии, односно на линкот - https://www.finance.gov.mk/mk/view/announcements