Language switcher

Social

 

Центарот за развој на Источен плански регион продолжува со спроведување на активности преку Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од Фармахем.

Воспоставувањето на етно-еко паркот во општина Чешиново-Облешево е еден од приоритетите во Стратегијата за развој на туризмот во Источниот плански регион и е препознаен како потенцијал кој е во согласност со начелата на Програмата за зачувување на природата во Македонија -  зачувување на природните ресурси во брегалничкиот регион преку промоција на принципот на нивно одржливо управување.

Преку реализацијата на овој проект ќе се уредат две површини во општина Чешиново-Облешево и тоа, доуредување на постојниот парк на белиот штрк во с. Чешиново, и комплетно нови површини во с. Соколарци.

Комплексноста на проектот подразбира поставување на урбана опрема, поставување на инфо куќи и набљудувачници за птици, детска опрема на двете локации, бројни активности во вид на меки мерки кои ќе имаат за цел да допрат до локалното население, како и поддршка во организацијата на настанот „Меѓународен ден на штркот“.

Се очекува градежните работи да бидат завршени до месец мај како би можело да бидат целосно ставени во функција на „Меѓународен ден на штркот“, настан кој што во месец јуни ќе го организира општина Чешиново-Облешево како домаќин на селата кои влегуваат во мрежата на Европски села на штркови.