Skip to content

ДАТУМ

јануари 21, 2014

Категории

Одржана трета регионална работилница

На 15 јануари во ресторан „Кај Чомбе” во Пробиштип беше одржана третата регионална  работилница од Проектот „Подготовка на регионални планови за управување со отпад и стратегиска оцена на животната средина за Источен и Североисточен плански  регион” на која присуствуваа претставници од општините и јавните комунални претпријатија од Источниот плански регион, инспекциски служби како и невладини организации кои работат на полето на заштита на животната средина. 

Проектот е финансиран од ИПА Инструментот на Европска Унија, а е имплементиран од страна на консултантската куќа ENVIROPLAN S.A. од Грција и нејзините конзорциумски партнери C&E Consulting und Engineering GmbH – BT Engineering Ltd. Договорни органи се Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ. 

Европската Унија финансира 1,14 милиони евра за за подготовка на регионални планови за управување со отпад и стратегиска оцена на животната средина за Источниот и Североисточниот плански регион, а од проектот ќе имаат придобивки 17 општини од овие два региони. 

На оваа трета по ред работилница во рамките на овој проект имаше презентација на Извештајот за Процена на  постоечката ситуација со отпад во сите 11 општини во Источниот плански регион, презентирана од страна на Тим лидерот Г-нот Теофанис Лолос од консултантската куќа ENVIROPLAN S.A. од Грција. Потоа втората презентација се однесуваше на истражување за депониите (општинските комунални депонии и нелегалните т.н. диви депонии),  нивната сегашна состојба и процената на ризик на депониите во зависност од нивното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето. Исто така, за сите постојни депонии беа претставени методи на санација и рекултивација, во зависност од количината на отпад која ја содржат. Овој дел од извештајот  беше презентиран од страна на Г-нот Емил Колев, хидрогеолог од BT Engineering Ltd од Бугарија.

Работилницата заврши со последната презентација која што се однесуваше на Предлог-формулар за потребата од спроведување на стратегиска оцена на животната средина и предлог-одлука за спроведување на стратегиска оцена на животната средина и корелација на целите на планскиот документ со други релевантни стратешки планови и програми на Република Македонија. Презентацијата беше  од страна на Г-ѓа Менка Спировска, експерт за стратегиска оцена на животната средина и носител на извештајот за стратегиска оцена.

На 16 јануари 2014 година иста ваква работилница се одржа во Куманово каде што беа претставени сите истражувања за состојбата со депониите за Североисточниот плански регион.

Проектот се спроведува до септември 2014 година кога што ќе бидат произлезени и главните резултати- два плана за регионално управување со отпад во двата региони и две стратегиски оцени на животната средина од плановите за управување со отпад. Смерниците како натаму ќе се управува со отпадот ќе бидат целосно во согласност со директивите на ЕУ во поглед на управувањето со отпадот.

Генерално, влијанието на планските документи врз животната средина се оценува дека ќе биде позитивно.

Членовите на Конзорциумот односно експертите кои што работат на проектот истакнаа дека е многу важно прво да се разбере што се случува во регионите во поглед на состојбата со отпад  за да се направат добри планови. Во минатиот период направени се две анализи-квалитативна и квантитативна анализа на отпадот, ова се прави за прв пат во Република Македонија,  направени се сеопфатни анализи на сите постојни депонии, направен е регистар на сите депонии и е пресметан ризикот на секоја депонија. Главниот проблем во управувањето со отпадот  е постоењето на нелегалните депонии кои што создаваат големи проблеми во животната средина  и здравјето на луѓето. Многу е важно  да се направи добар план за затворање на нелегалните депонии. 

Сите досегашни резултати од работата на проектот од февруари 2014 година ќе бидат достапни на веб страна на проектот.

Консултаните истакнаа дека имаат многу добра соработка со општините што им дава сигурност успешно да го завршат проектот.

Според изјавите на претставници од Министерството за животна средина на Република Македонија, кои што присуствуваа на работилницата во Куманово, веќе се поднесени апликации до европските фондови за следните фази на проектот за регионално управување со отпад во првите два пилот региони. Прво, треба да се изработи студија за изводливост а потоа основна проектна документација за изградба на сите инсталации за управување со отпад во рамките на Источниот и Североисточниот плански регион.

До 2017 година ќе се спроведуваат овие споменати два проекти кои што се веќе аплицирани од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

(Н.С/Ж.М)

 

Споделeте:

Email
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Telegram

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

I accept the Privacy Policy