Skip to content

ДАТУМ

март 16, 2021

Категории

Јавен повик за Дигитализација на земјоделство

Фондот за иновации и технолошки развој на ден 16.03.2021 година, го објавува Јавниот повик за: „Дигитализација на земјоделство“.

Одржливото земјоделство е во срцето на „Целите за одржлив развој” на Обединетите Нации (ОН) и првиот основен чекор кон обезбедување на свет без глад (zero hunger). Согласно со Агендата на ОН, до 2030 година треба да бидат обезбедени одржливи системи за производство на храна и да се спроведат одржливи земјоделски практики што ја зголемуваат продуктивноста и производството, кои помагаат во одржување на еко-системите, кои го зајакнуваат капацитетот за прилагодување кон климатските промени, екстремните временски услови, сушата, поплавите и другите катастрофи и кои постепено го подобруваат квалитет на земјата и почвата.

КОВИД-19, како досега незапамтена здравствена, економска и социјална криза што ги загрозува животите и егзистенцијата, направи уште поголем предизвик во постигнувањето на овие цели. Во време кога сме соочени со ефектите на пандемијата врз прехранбениот и земјоделскиот сектор, потребни се навремени мерки за да се осигура дека синџирите за снабдување со храна се одржуваат во живот за да се минимизира ризикот од големи шокови што имаат значително влијание врз сите, особено врз сиромашните и најранливите категории.

Улогата на дигиталната иновација во земјоделството е да се искористи моќта на дигиталните технологии да пилотираат, забрзаат и го зголемат обемот на иновативните идеи со висок потенцијал за позитивно влијание во земјоделството и производсвото на храна. Во изминатиот период, земјоделството, заедно со ловство, шумарство и рибарството има остварено вкупен пораст на бруто додадената вредност од 4,5%. Секторот бележи континуиран годишен пораст на вредноста од 871.400.000 евра во 2014 година на 910.900.000 евра во 2019 година, освен во 2017 година поради влијанието на временските услови. Од друга страна, релативното учеството на земјоделскиот сектор во бруто додадената вредност е намалено од 10,2% на 8,1% поради поголемата додадена вредност остварена во останатите попропулзивни економски дејности. Заедно со преработувачката индустрија, учеството во БДП достигнува 12% во БДП, односно е на трето место после индустријата и услугите. Сепак оваа индустрија останува непрепознаена и фрагментирана, а прифаќањето на дигиталните технологии се одвива многу споро.

Дигиталното земјоделство идеално води кон економски раст со тоа што им овозможува на земјоделците да извлечат максимално производство од својата земја. Навремените и точни информации придонесуваат кон донесување на правилни и навремени одлуки што резултира со успех во одгледувањето на земјоделските култури, зголемена продуктивност и зголемени приходи.

Со овој предизвик, бараме напредни стартапи кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ / услуга, со кој ќе придонесат кон зголемување на продуктивноста и приходите на земјоделските стопанства, обезбедување на одржливи системи за производство на храна и забрзување на дигиталната трансформација на земјоделскиот сектор.

Да ја искористиме технологијата за да ги подобриме сите сегменти на земјоделското производство!

Овој предизвик на Фондот се реализира во партнерство со Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).

Во рамки на предизвикот „Дигитализација на земјоделството“ секој Натпреварувач има можност да достави предлог решение во една од следните категории:

  • Паметно земјоделство / smart farming
  • Прецизно земјоделство
  • Роботика и автоматизација
  • Биотехнологија (biotech)
  • Бази на податоци и вештачка интелигенција
  • Дигитализација на пост-бербени активности и преработка
  • Дронови и сателити
  • Интернет на нешта (internet of things – iot)

Спроведувањето на проектот може да биде до 12 (дванаесет) месеци.

За финансирање на проекти во рамки на овој повик обезбеден е вкупен буџет од 6.000.000 (шест милиони) денари.

За поединечен предлог проект, Фондот обезбедува финансирање до 90% (деведесет проценти) од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1.500.000 (еден милион и петстотини илјади) денари. Од страна на Натпреварувачот треба да бидат обезбедени минимум 10% (десет проценти) од вкупниот буџет на проектот.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост” (ИМЕ) финансирана од Швајцарската Агенција за развој и соработка, ќе обезбеди два вида на поддршка за апликантите и идните корисници и тоа: менторска поддршка и поддршка во однос на комерцијализација на иновациите.

Јавниот повик е наменет за стартапи кои можат да понудат иновативно и / или технолошки напредно решение сами, или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност или друго претпријатие.

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 16.04.2021 година.

За сите дополнителни информации посетете ја страната на Фондот за иновации и технолошки развој и за сите прашања пишете на електронската адреса: agrodigital@fitr.mk или јавете се на телефонскиот број: 02 3145 258

Линк до повикот:  https://fitr.mk/agrodigital/

Споделeте:

Email
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Telegram

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

I accept the Privacy Policy