На денешната 127-ма седница на Владата на Република Северна Македонија се донесе Одлука со која дел од Малешевските Планини е прогласен за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел.
Долгогодишните истражувања на природните вредности во Малешевијата беа финансирани во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), со примена на швајцарско искуство, како и примена на партиципативен пристап со различни релевантни чинители, што особено придонесе за успешноста на овој процес.
Присуството на бројни меѓународно и национално значајни видови и живеалишта, значајни локалитети од аспект на геодиверзитетот, културното наследство како и вековната интеракција помеѓу човекот и природата која резултирала со појава на значајна пределска разновидност, го прават Малешево особено вредно за зачувување.
Согласно одлуката на Владата, ЈП „Национални Шуми“ ќе управува со заштитеното подрачје Малешево, а ПЗП ќе обезбеди дополнителна поддршка при изработката на Планот за управување и зајакнување на капацитетите на телото.
Површината на заштитено подрачје – заштитен предел Малешево изнесува 11460.89 хектари, во рамките на кое се дефинирани три зони на заштита заради вршење на дејноста за заштита и унапредување на природата.
Процесот за прогласување на Малешево за заштитено подрачје беше поддржан од Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем од Скопје.
No comment yet, add your voice below!