Одржана XI (Единасета) Седница на Советот за развој на Источен плански регион

Советот за развој на Источен плански регион, на ден 10.08.2022 година, во општина Чешиново – Облешево, ја одржа XI (Единаесетата) Седница. На Седницата се разгледуваа следниве Информации:
  • Информација за тековни активности на Центарот за развој на Источен плански регион;
  • Информација за склучување на Договор за заедничка реализација на проектот „Изработка на технички документации за унапредување и промоција на конкурентските предности на Источен плански регион“;
  • Информација за склучување на Договор за заедничка реализација на активноста „Одржување на агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина во ИПР“;
  • Информација за склучување на Договор за дополнителни средства за финансирање на задачите и активностите на Центар за развој на Источен плански регион за 2023 година.
На Седницата беше презентиран и отворениот повик за инвестициски проекти по приоритет 1 “Зелен прекуграничен регион“ (реф. Бр.2021TC16IPCB006-2023-3) во рамки на Програмата INTERREG VI-A ИПА Бугарија – Северна Македонија. На Седницата од страна на претставници од Ем Агриком беа презентирани продукти за третман на отпадна вода и цврст отпад на бава на ЕМ технологија.

Галерија

Официјално отворање на Градскиот пазар во општина Делчево

Официјално отворање на Градскиот пазар во општина Делчево
Новоизградениот градски пазар во општина Делчево и официјално е пуштен во употреба. Со реализацијата на овој проект се даде значителен придонес во создавањето на услови за подобар пласман и промоција на земјоделските и занаетчиските производи, како и за зголемување на обемот на трговија со други видови на производи и услуги. Општина Делчево, како најголема општина во микро-регионот Малеш-Пијанец, претставува економски центар, голем број на земјоделци и занаетчии гравитираат кон општината воедно и близината со соседна Република Бугарија ја прави истата атрактивна дестинација за Бугарските граѓани. Објектот градскиот пазар  со отворен и затворен дел има површина од 2410 м2, содржи продажен простор за земјоделски производи, 192 продажни пунктови и 18 дуќани. Втората фаза од изградбата на современиот градски пазар е имплементирана од страна на Центарот за развој на Источен плански регион со вкупен буџет од 28,5 милиони денари, финансиски поддржана од Програмата за рамномерен регионален развој за 2021 година со индикативно планирани средства за 2022 година, финансирана од Министерство за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој и ко-финансирана од страна на општина Делчево како краен корисник на проектот.

Галерија

Потпишан меморандум за соработка за „Изградба на ски центар на Царев Врв и развој на ски туризам на Осоговските Планини“

Потпишан меморандум за соработка за „Изградба на ски центар на Царев Врв и развој на ски туризам на Осоговските Планини“

Осоговските Планини располагаат со огромен потенцијал за развој на целогодишен туризам, нешто што низ годините многупати било повторувано, меѓутоа за жал, сите напори да се придвижат работите не се поместиле од мртва точка, сѐ до денес.

По иницијативата на Советот за развој на Источен плански регион поднесена до Владата на Република Северна Македонија во 2019 година, идејата за Изградба на ски центар на Царев Врв и развој на ски туризам на Осоговските Планини наиде на поддршка и одобрување од Владата на Република Северна Македонија на одржаната Владина седница на 29.05.2021 година препознавајќи ја како национален стратешки приоритет.

Во последните неколку месеци на иницијатива на Центарот за развој на Источен плански регион интензивно се реализираа повеќе состаноци со сите засегнати страни за следните чекори кои треба да се преземат за заживување на оваа иницијатива, која со максимална посветеност на сите засегнати страни, може да прерасне во модерен и современ ски центар, со содржини и капацитети кои ќе го рангираат во првите пет ски центри на Балканот.

Денес со министерот Љупчо Николовски, градоначалниците на општините Пробиштип, Кочани, Македонска Каменица, Крива Паланка и Кратово и Центарот за развој на Североисточен плански регион се потпиша меморандум за соработка кој ќе овозможи користење на средствата од Програмата за рурален развој на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за подготовка на потребната документација.

Овие средства ќе се искористат за обезбедување на солидна информациона основа за изработка на урбанистичкиот план за изградба на ски центарот на Царев Врв и развој на ски туризам на Осоговските Планини, односно ќе се направи ревизија, ажурирање и дополнување на постојната физибилити студија за Ски центар Царев Врв со идеен проект.

Основната цел на оваа студија е да ги ажурира содржините во наведениот простор, можностите за развој утврдени во планската документација, пред сѐ во Просторниот план на Република Северна Македонија, да се обиде да го дефинира соодветниот просторен модел на туристичкиот ресорт и да ги согледа позитивните, но и негативните ефекти од општествено-економскиот и законодавниот аспект. Студијата треба детално да ги третира просторно-планерските аспекти на процесот на основање и изградба на новиот туристички ресорт Царев Врв, преку кои се конкретизира општествената интенција за изградба на истиот.

Ажурирањето на физибилити студијата и идејниот проект ќе послужат за изработка на урбанистички план вон населено место со соодветна Стратегиска оцена за влијанието на животната средина, за кое нешто Центарот за развој на Источен плански регион планира да аплицира за средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.

Ски центарот Царев Врв би располагал со 36 стази со вкупна должина од 60 км, кои би биле опслужувани со 9 жичари и 3 ски лифтови и се простира на површина од 1200 хектари. 

Галерија

Потпишан договор за реконструкција на Сина сала во Виница

На 31.03.2023 година, во просториите на општина Виница се потпиша договор помеѓу Центарот за развој на Источен плански регион и Свеан Инвест ДОО – Скопје, за реализација на проектот „Подобрување на условите за развој на манифестациски туризам – реконструкција на Сина сала при Дом на култура Тошо Арсов – Виница.

Средствата за реализација на овој проект се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 со индикативно планирани средства за 2023 година во висина од 11.253.615,00 денари и кофинансирање на општина Виница во висина од 1.260.574,00 денари. Вкупната вредност на проектот изнесува 12.605.738,00 денари.

Со проектот се предвидува целосна реконструкција на салата, со што општина Виница ќе добие модерен објект, во кој ќе се создадат услови за организирање на регионални манифестации од областа на културата. Од овие манифестации покрај општина Виница бенефит ќе имаат  останатите општини во Источниот плански регион во текот на сите четири сезони од годината.

Се очекува реконструкцијата да заврши до крајот на месец септември 2023 година. 

Галерија

Завршен настан за промоција на резултатите од проектот „Дигитализација на општинските услуги“

Во ОМЦ „Киро Глигоров“ во Штип се одржа завршниот настан на кој беа промовирани резултатите од проектот за дигитализација на општинските услуги. На завршниот настан покрај градоначалниците од Источниот регион, беше присутен и постојаниот претставник на УНДП г-динот Армен Григорјан, директорот на Бирото за регионален развој г-дин Рамиз Реџепи, како и останати претставници на локалните самоуправи, канцеларијата на УНДП, Бирото за регионален развој и претставници на медиумите.

Со потпишувањето на Договорот за меѓуопштинска соработка, се заокружи и процесот на изработка на дигиталната платформа преку која жителите на Источниот регион ќе можат електронски да поднесуваат барања.

„Дигитализација на општинските услуги во Источен плански регион“ е активност која беше аплицирана за финансирање во рамките на проектот „Пост-КОВИД: општините како двигатели за одржливиот развој“ во месец август 2021 година, од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Бирото за регионален развој. Главен носител на проектот беше Општина Штип, а партнери останатите 10 општини во состав на Источниот плански регион и Центарот за развој на Источен плански регион.

Главната цел на проектот е да се овозможи преминување во вториот чекор во дигитализацијата на општинското работење со олеснување на пристапот до општинските услуги за приближно 160.000 граѓани и бизниси, преку дигитализација на дел од општинските услуги кои што се најбарани и најкористени во сите 11 општини од Источниот плански регион.

Проектот дава придонес во зголемување на транспарентноста на општините од регионот, намалување на времето на прием и обработка на барањата од граѓаните, намалување на времето за поднесување на барања за издавање на решенија/одобренија по најразлични основи, зголемено задоволство на граѓаните од општинските услуги, подобрување на комуникацијата со НВО, граѓани и бизнис сектор, а пред сѐ придонесува за зголемување на дигиталната писменост на населението во регионот.

Преку новата платформа, граѓаните (физички и правни лица) освен што ќе можат електронски да генерираат барања за околу дваесетина општински услуги, да плаќаат електронски за предвидените административни такси  и другите надоместоци, ќе можат и да го следат статусот на барањата и да бидат информирани кога нивните барања ќе бидат завршени или доколку во постапката нешто недостасува и треба да приложат дополнителни документи.

Трошоците за одржување и хостинг на платформата се на товар на проектот заклучно со септември 2024 година. По завршувањето на поддршката од страна на УНДП и Бирото за регионален развој, општините самостојно ќе ги покриваат трошоците за платформата.

Платформата може да се користи со најава на eservices.eastregion.mk 

Галерија

Одржана X (Десетта) Седница на Советот за развој на Источен плански регион

X (Десетта) Седница на Советот за развој на Источен плански регион
Советот за развој на Источен плански регион, на ден 27.03.2022 година, во општина Македонска Каменица, ја одржа X (Десеттата) итна Седница. На Седницата Советот донесе:
  • Одлука за усвојување на Годишниот Извештај за спроведување на Програмата за развој на Источниот плански регион 2021-2026 за 2022 година;
  • Одлука за усвојување на Годишниот Извештај за работењето на Центарот за развој на Источен плански регион за 2022 година;
  • Одлука за давање на позитивно мислење и усвојување на завршната сметка на Центарот за развој на Источниот плански регион за 2022 година;
  • Одлука за давање на позитивно мислење и усвојување на завршната сметка на Проектот ,,Одржив и инклузивен рамномерен регионален развој – II фаза” за 2022 година;
  • Одлука за давање на позитивно мислење и усвојување на завршната сметка на Проектот ,,Културен мост низ вековите” за 2022 година;
  • Одлука за давање на позитивно мислење и усвојување на завршната сметка на Проектот ,,Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина” за 2022 година;
  • Одлука за одобрување на Образецот за евиденција на развојните потенцијали на планските региони од значење за регионалниот развој за 2022 година, пополнет од страна на Центар за развој на Источен плански регион;
  • Одлука за преотстапување на изграден објект „Изградба на градски пазар во Делчево, отворен и затворен дел, (II) фаза“, и даде согласност за вработување / Известување за обезбедени финансиски средства.

Галерија

Јавен конкурс за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст по редовна постапка

Врз основа на член 25 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18) и член 9 од Правилникот за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст бр. 01-2410/5 од 30.12.2020 година, Фондот за иновации и технолошки развој на ден 27.03.2023 година, објавува Јавен конкурс за поднесување на предлог-проекти за финансирање под Инструментот за поддршка Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст.

Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи („ПЗУ“) за забрзан економски раст, кои ги исполнуваат условите од Правилникот за  инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст.

Целта на поддршката е претпријатијата да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација.

Поддршката е наменета за претпријатијата и ПЗУ (приватни здравствени установи) кои имаат јасно идентификувана потреба од нови технологии која ќе има значително и мерливо позитивно влијание во еден или повеќе од следните аспекти од нивното работење: зголемена продуктивност и ефикасност, намалување на трошоци и употреба на ресурси, намалување на негативното влијание врз животната средина, подобар квалитет и нови карактеристики на производите и услугите кои ги нудат на пазарот, за развивање на нови канали за продажба, влез, експанзија на нови пазари или за градење на постабилна и поодржлива мрежа на добавувачи.

Преку овој Инструмент Фондот обезбедува финансиска поддршка: 

 

– до 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 2.500.000,00 (два милиони и петстотини илјади) денари за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е до 10 (десет) вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 50.000,00 (педесет илјади) евра.

 

– до 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 5.000.000,00 (пет милиони) денари, за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 10 до 50 вработени и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 50.000,00 (педесет илјади) евра, а помал од 2.000.000,00 (два милиони) евра, финансирање до 70% од вкупниот буџет на проект.

 

 до 60% (шеесет проценти) од вкупниот буџет на проект, но не повеќе од 10.000.000,00 (десет милиони) денари за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 50 до 250 и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2.000.000,00 (два милиони) евра, а помал од 10.000.000,00 (десет милиони) евра, финансирање.

 

Износот на остварени годишни приходи и просечен број на вработени се утврдува согласно финансиските извештаи за последни две години (2022 и 2021 година).

Максималните граници на остварени приходи според кои се определува процентот и максималниот износ на кофинансирање се изразени во евра и се пресметуваат според средниот курс на НБРМ за евро на денот на објавување на јавниот повик.

Апликантот обезбедува сопствено кофинансирање од 30% (за микро и мали претпријатија) односно 40% за средни претпријатија од вкупниот буџет на проектот.

Средствата добиени од Фондот по која било друга основа, како и средствата добиени по основ на која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на апликантот.

  1. Да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот Регистар на Република Северна Македонија или да е приватна здравствена установа основана согласно Законот за установи и Законот за здравствената заштита регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  2. Да не е поврзан (согласно Законот за трговските друштва) со друго претпријатие и/или ПЗУ чии годишни приходи надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра и просечен број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, согласно член 10 став 1 точка 5 од Правилникот и одредбите од Јавниот конкурс, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научноистражувачка установа;
  3. Против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  4. Да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  5. Против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  6. Апликанти со над 3 (три) години на постоење до моментот на аплицирање да немаат остварена загуба согласно финансиските извештаи за последните две календарски години.
  7. Да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиски институции заклучно состојба на крај на месец Февруари 2020, односно пред почеток на кризата предизвикана од Ковид 19, издадена од Македонско кредитно биро;
  8. Да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истата намена/мерка да не добива државна помош од два различни извори поради тоа што таквата помош не е дозволена.
  • Набавка и воведување на нови, иновативни, напредни, ‘зелени’ и дигитални технологии за трансформација на производствените и деловните процеси;
  • Развој и воведување на нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа;
  • Набавка и воведување на нови дигитални решенија (софтвер, алатки, лиценци и сл.) и развој на дигитални бизнис модели, кои може да вклучуваат дигитализација на каналите за продажба и набавки;
  • Градење на капацитетите на менаџментот и вработените за примена на новите технологии;
  • Подобрување на продуктивностa и ефикасностa на производствените и/или деловните процеси;
  • Намалување на трошоци на производство и оперативно работење;
  • Подобрување на ефикасностa при употреба на ресурси;
  • Активности за намалување на негативното влијание врз животната средина;
  • Значително подобрување на квалитетот и додавање на нови или значително подобрени карактеристики на производите и услугите како резултат на промените во понудата и побарувачката поврзани со последиците од КОВИД-19 кризата (вклучително стандардизација и сертификација);
  • Развивање на нови канали за продажба и активности за влез или експанзија на нови пазари – градење на постабилна и поодржлива мрежа на добавувачи.

Листата на активности не е ограничувачка.

  • Бруто плати за вработените лица кај апликантот кои ќе бидат ангажирани на проектот. Износите на бруто плати на вработените-ангажирани на проектот треба да соодветствуваат на воспоставените практики на корисникот пред почеток на проектот, намалени за износот на потенцијална државна субвенција примена по основ на плата;
  • Трошоци за техничка поддршка (експертиза), трошоци за договорни услуги за истражување, развој, дигитализација (пр. тестирање, лабораториски услуги и слично);
  • Трошоци за набавка и изнајмување на опрема, софтвер, алатки од информатичка технологија и суровини и потрошен материјал, директно поврзани со реализација на проектот;
  • Трошоци поврзани со спроведување на план за технолошки развој на Апликантот;
  • Други оперативни трошоци директно поврзани со реализацијата на проектот, освен оние кои не се подобни за финансирање преку овој Инструмент.

Само трошоците направени за време на проектот во согласност со одобрениот буџет на проектот и реализирани до крајот на проектот се подобни за финансирање.

При распределба на буџетот по квартали, апликантот треба да води сметка за рамномерност во распределбата на буџетот oдносно износот за секој одделен квартал да не се разликува од останатите квартали за повеќе од 30 (триесет) %.

  • Технолошки напредок и степен на дигитализација;
  • Квалитет на проектот;
  • Капацитет на проектниот тим;
  • Влијание.

 

Критериумите и подкритериумите за евалуација на проектите се наведени во образецот – Табела за евалуација.

Времетраењето на проектот може да биде до 18 (осумнаесет) месеци.

За финансирање проекти под овој конкурс за овој Инструмент обезбеден е вкупен буџет од 5.060.000,00 (пет милиони и шеесет илјади) евра во денарска противвредност

Сите обрасци за аплицирање може да ги преземете со клик на копчето „Преземи документација“.

Уредно да се пополнат, потпишат и заведат со печат:

  • Образец за проектна апликација;
  • Образец за буџет на проектот;
  • Изјава на Апликантот за прифаќање на условите на Фондот;
  • Нотарски заверена Изјава за сопственичка – основачка структура на Апликантот и
  • Кратки биографии на лицата кои го сочинуваат проектниот тим, ангажиран во проектот (најмногу за 5 (пет) лица).

Проектната апликација, буџетот на проектот и биографиите треба да бидат пополнети на македонски и на англиски јазик и во PDF формат да се прикачат на формуларот за аплицирање со клик на копчето „Аплицирај“.

Останатата документација треба да биде доставена само на македонски јазик.

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 05.05.2023 година, до 14:00 часот.

За финансирање ќе бидат земени во предвид само оние предлог проекти кои се доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

За сите дополнителни информации можете:

  • да ни пишете на електронската адреса:zabrzanrast2023@fitr.mk 
  • да се јавите на телефонскиот број: 02 3145 258

Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот како и на социјалните мрежи (Фејсбук и Инстаграм).

Потпишан Договор за реализација на проектот „Уредување на рекреативен центар во туристичка населба Равна Река“

На 24.02.2023 година, во просториите на општина Пехчево се потпиша Договор помеѓу, Центарот за развој на источен плански регион, Градежник ИНГ од Берово и општина Пехчево, за реализација на проектот  „Уредување на рекреативен центар во туристичка населба Равна Река – I и II фаза“.

Вредноста на прва фаза изнесува 6.384.933,74 денари, од кои 5.428.735,74 денари, се средства од Програмата за рамномерен регионален развој за 2021 и 956.100,00 денари, кофинансирање од општина Пехчево.

За реализација втората фаза од Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 година се обезбедени 5.638.482,74 денари.

Вкупната вредност проектот изнесува 12.023.416,48 денари,

Периодот на реализација на проектот е шест месеци од денот на воведување во работа односно до крајот на месец Август 2023 година.

Потпишан Договор за “Електрификација, оградување и поставување на туристичка сигнализација на археолошкиот локалитет Баргала” во општина Карбинци

Центарот за развој на Источен плански регион започна со реализација на проектот “Подобрување на туристичката сигнализација и инфраструктура во Источен плански регион – Електрификација, оградување и поставување на туристичка сигнализација на археолошки локалитет Баргала“, кофинансиран од Министерство за локална самоуправа – Биро за регионален развој преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 со индикативно планирани средства за 2023 година и Општина Карбинци.

На 22 февруари 2023 година во општина Карбинци се потпиша Договорот за вршење на градежни работи за реализација на проектот со изведувачот ТМ ДОО Штип со вкупна вредност на договорот од 6.026.719,00 денари со вклучен ДДВ, се потпишаа и договорите за вршење на археолошки и конзерваторски надзор со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип со што и официјално Изведувачот беше воведен во работа.

Со проектот се предвидува:

  • Поставување на електрично декоративно осветлување на археолошкиот локалитет Баргала;
  • Оградување на археолошкиот локалитет Баргала и
  • Поставување на 19 инфо табли низ локалитетот.

Проектот треба да се реализира најдоцна до 22.08.2023 година. 

Галерија

Обука за образование

Центарот за развој на Источен плански регион зема учество на работилницата “Зголемување на атрактивноста, инклузивноста, релевантноста на стручното образование и обука на образованието за возрасни”,  која согласно изготвените политики, има за цел да придонесе во подобрување на образовниот систем и ефективна имплементација на истите.

На темите „Состојбата на процесот на децентрализација во образованието“ и „Улогата на различните актери во подобрувањето на системот за стручно образование и обука како и за примери за добри практики, алатки и искуства на општинскиот персонал задолжен за образование во однос на нивниот активен ангажман во поддршката на процесот на соработка со училиштата и локалните бизниси“ говореше експертот проф.др. Зоран Поповски.

Настанот се одржа на 21.02.2023 (вторник) со почеток од 10:00 часот во х.Бриони, Штип. На настанот земаа учество претставници од општините, од училиштата и ЦРИПР.

Проектот е финансиран од страна на ЕУ.