Реализирана обука за јакнење на капацитетите на тема „Интерпретација на културното наследство“

Центарот за развој на Источен плански регион започна со реализација на активностите поврзани со јакнење на капацитетите на населението од Источниот плански регион во рамките на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“. Првата активност која се реализира во овој период е за јакнење на капацитетите за одржливо искористување на културата за развој на туризмот, со што ќе се придонесе за подобрување на знаењето на засегнатите страни од областа на туризмот за потенцијалот и придобивките од соработката за зајакнување на атрактивноста и конкурентноста на прекуграничниот регион. Оваа активност опфаќа три дводневни обуки, при што во периодот 15-16.03.2021 година се комплетираше првата обука на тема „Интерпретација на културното наследство“. Во рамките на овие два дена учесниците имаа можност да се запознаат со начините на толкување на културното наследство како методологија за развој на одржлив културен туризам, се споделија примери за успешно толкување на културното наследство за одржлив развој на туризмот, се работеше на подобрување на планирањето и организацијата на културните настани и практично се креираа културни рути. Целта по комплетирање на трите обуки е да се зајакнат капацитетите на 20 претставници од двете страни на границата и да се овозможи поефективно користење на културните настани за подготовка на конкурентна туристичка понуда на регионот. Обуките се спроведуваат заедно со Општина Гоце Делчев од Република Бугарија, која што е партнер во реализацијата на сите предвидени активности со проектот. Исправени пред предизвиците кои што ги носи новата нормалност предизвикана од глобалната пандемија со Covid-19, учесниците од двете страни на границата се поврзуваат со помош на виртуелни средства за комуникација, сѐ со цел да се размени искуството од областа и да се извлечат реални и применливи практики за во иднина. Проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ се реализира во рамки на INTERREG IPA Програмата за прекугранична соработка Бугарија – С. Македонија, кофинансиран од Министерство за Локална самоуправа.

Галерија

Јавен повик за Дигитализација на земјоделство

Фондот за иновации и технолошки развој на ден 16.03.2021 година, го објавува Јавниот повик за: „Дигитализација на земјоделство“.

Одржливото земјоделство е во срцето на „Целите за одржлив развој” на Обединетите Нации (ОН) и првиот основен чекор кон обезбедување на свет без глад (zero hunger). Согласно со Агендата на ОН, до 2030 година треба да бидат обезбедени одржливи системи за производство на храна и да се спроведат одржливи земјоделски практики што ја зголемуваат продуктивноста и производството, кои помагаат во одржување на еко-системите, кои го зајакнуваат капацитетот за прилагодување кон климатските промени, екстремните временски услови, сушата, поплавите и другите катастрофи и кои постепено го подобруваат квалитет на земјата и почвата.

КОВИД-19, како досега незапамтена здравствена, економска и социјална криза што ги загрозува животите и егзистенцијата, направи уште поголем предизвик во постигнувањето на овие цели. Во време кога сме соочени со ефектите на пандемијата врз прехранбениот и земјоделскиот сектор, потребни се навремени мерки за да се осигура дека синџирите за снабдување со храна се одржуваат во живот за да се минимизира ризикот од големи шокови што имаат значително влијание врз сите, особено врз сиромашните и најранливите категории.

Улогата на дигиталната иновација во земјоделството е да се искористи моќта на дигиталните технологии да пилотираат, забрзаат и го зголемат обемот на иновативните идеи со висок потенцијал за позитивно влијание во земјоделството и производсвото на храна. Во изминатиот период, земјоделството, заедно со ловство, шумарство и рибарството има остварено вкупен пораст на бруто додадената вредност од 4,5%. Секторот бележи континуиран годишен пораст на вредноста од 871.400.000 евра во 2014 година на 910.900.000 евра во 2019 година, освен во 2017 година поради влијанието на временските услови. Од друга страна, релативното учеството на земјоделскиот сектор во бруто додадената вредност е намалено од 10,2% на 8,1% поради поголемата додадена вредност остварена во останатите попропулзивни економски дејности. Заедно со преработувачката индустрија, учеството во БДП достигнува 12% во БДП, односно е на трето место после индустријата и услугите. Сепак оваа индустрија останува непрепознаена и фрагментирана, а прифаќањето на дигиталните технологии се одвива многу споро.

Дигиталното земјоделство идеално води кон економски раст со тоа што им овозможува на земјоделците да извлечат максимално производство од својата земја. Навремените и точни информации придонесуваат кон донесување на правилни и навремени одлуки што резултира со успех во одгледувањето на земјоделските култури, зголемена продуктивност и зголемени приходи.

Со овој предизвик, бараме напредни стартапи кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ / услуга, со кој ќе придонесат кон зголемување на продуктивноста и приходите на земјоделските стопанства, обезбедување на одржливи системи за производство на храна и забрзување на дигиталната трансформација на земјоделскиот сектор.

Да ја искористиме технологијата за да ги подобриме сите сегменти на земјоделското производство!

Овој предизвик на Фондот се реализира во партнерство со Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).

Во рамки на предизвикот „Дигитализација на земјоделството“ секој Натпреварувач има можност да достави предлог решение во една од следните категории:

  • Паметно земјоделство / smart farming
  • Прецизно земјоделство
  • Роботика и автоматизација
  • Биотехнологија (biotech)
  • Бази на податоци и вештачка интелигенција
  • Дигитализација на пост-бербени активности и преработка
  • Дронови и сателити
  • Интернет на нешта (internet of things – iot)

Спроведувањето на проектот може да биде до 12 (дванаесет) месеци.

За финансирање на проекти во рамки на овој повик обезбеден е вкупен буџет од 6.000.000 (шест милиони) денари.

За поединечен предлог проект, Фондот обезбедува финансирање до 90% (деведесет проценти) од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1.500.000 (еден милион и петстотини илјади) денари. Од страна на Натпреварувачот треба да бидат обезбедени минимум 10% (десет проценти) од вкупниот буџет на проектот.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост” (ИМЕ) финансирана од Швајцарската Агенција за развој и соработка, ќе обезбеди два вида на поддршка за апликантите и идните корисници и тоа: менторска поддршка и поддршка во однос на комерцијализација на иновациите.

Јавниот повик е наменет за стартапи кои можат да понудат иновативно и / или технолошки напредно решение сами, или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност или друго претпријатие.

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 16.04.2021 година.

За сите дополнителни информации посетете ја страната на Фондот за иновации и технолошки развој и за сите прашања пишете на електронската адреса: agrodigital@fitr.mk или јавете се на телефонскиот број: 02 3145 258

Линк до повикот:  https://fitr.mk/agrodigital/

Одржана обука за „Управување со културно наследство„ од проектот „Културен мост низ вековите“

На 10-12 март 2021 година во хотел Изгрев, се одржа активност 3 – Јакнење на капацитетите од областа на Управување со културни настани и културно наследство од проект „Културен мост низ вековите“. Оваа активност опфаќа две тридневни обуки: првата на тема „Управување со културно наследство“, а втората се однесува на „Управување со културни настани“. Со реализација на оваа активност ќе се даде фокус на значењето на културните настани за развој на културниот туризам, ќе се покријат сите аспекти на управувањето со културното наследство и неговото одржливо искористување. Воедно ќе се обучат засегнатите лица од двете страни на границата соодветно да креираат, планираат, реализираат и управуваат со културните настани во полза на развој на туризмот. Настанот беше одржан виртуелно односно настанот за претставниците на општина Белица се одржа во големата сала на читалиштето „Георги Тодоров 1885“, а за претставниците на Р.С. Македонија настанот се одржа во хотел Изгрев во Штип. Тридневните обуки беа организирани согласно сите здравствени мерки и протоколи за заштита на здравјето на граѓаните од Ковид – 19. Од страна на проектниот тим од Белица беше презентирана активноста и беа одржани интерактивни работи во групи. На настанот присуствуваа по 15 учесници од двете страни. Со оваа активност се придонесе за подобрување на вештините и знаењата на засегнатите страни од областа на туризмот во Источниот плански регион со цел подобро искористување на материјалното и нематеријалното културно наследство за промоција на културниот туризам и развој на соодветна туристичка понуда во прекуграничниот регион.  

Галерија

Јавни повици за грантови од Министерство за економија

Министерство за економија во рамки на Програмата за  конкурентност, иновации и претприемништво на 10-ти март 2021 година ги објави следните јавни повици:
Јавен повик за финансиска поддршка за женско претприемништво
Јавен повик за субвенционирање на микро и мали претпријатија
Јавен повик за субвенционирање на занаетчии
За дополнителни информации можете да се обратите во  Министерството за економија https://economy.gov.mk/ или во Бизнис Центарот при Центарот за развој на Источен плански регион на следните контакти bc.ipr@eastregion.mk и 032/386-409

Презентација на инструментот за поддршка Кoфинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст на ФИТР

Бизнис Центарот при Центарот за развој на Источен плански регион заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, организираа инфо сесија за условите за аплицирање на отворениот јавен повик за инструментот за поддршка – Кoфинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст.  Инфо сесијата  се одржа на  03-ти март (среда) 2021 година  со почеток во 11:00ч преку апликацијата ЗООМ. На настанот присуствуваа околу 80 учесници од микро, мали и средни претпријатија. Целта на поддршката е претпријатијата и приватни заравствени установи (ПЗУ) да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, ‘зелени’ и дигитални технологии за нивна трансформација. Преку овој инструмент Фондот  обезбедува финансиска поддршка за микро, мали и средни компании и ПЗУ  и тоа :
  • до 70% од вкупниот буџет на проект но не повеќе од 2,5 милони денари за микро претпријатија
  • до 70% од вкупниот буџет на проект но не повеќе од 5 милиони за мали претпријатија
  • до 60% од вкупниот буџет на проект но не повеќе од 10 милиони денари за средните компании
Времетраењето на проектот може да биде до 18 (осумнаесет) месеци. Рок на аплицирање до 06.04.2021, до 14 часот. Сите информации поврзани со јавниот повик се достапни на следниот линк: https://fitr.mk/zabrzan-ekonomski-rast/   Заинтересираните компании имаат можност да добијат бесплатна менторска поддршка во рамките на ваучерска шема обезбедена преку Бизнис центарот од Источен плански регион. Со пополнување на апликацијата компанијата се стекнува со право за добивање на менторска поддршка и тоа на следниот линк: Апликација за менторска поддршка во рамките на ваучерска шема обезбедена преку Бизнис центарот од Источен плански регион (google.com)  

Галерија

Јавни повици за поддршка на туристичкиот сектор од Министерство за економија

Министерството за економија врз основа на Програмата за развој на туризмот во 20121 година објави јавни повици за поддршка на туристичкиот сектор.

  • Јавен повик за субвенции за дигитализација на туристичко/угостителскиот сектор  – ЛИНК
  • Јавен повик за финансиска поддршка на aктивен туризам – ЛИНК
  • Јавен повик за субвенции за туристички цели на селски домаќинства – ЛИНК

Jавен повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст

Фондот за иновации и технолошки развој на ден 06.02.2021 година, објави Јавен конкурс за поднесување на предлог-проекти за финансирање под Инструментот за поддршка Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст. Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи („ПЗУ“) за забрзан економски раст со цел надминување на последиците од КОВИД-19, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, ‘зелени’ и дигитални технологии за нивна трансформација.

Подобни активности за финансирање во овој повик се:

  • Набавка и воведување на нови, иновативни, напредни, ‘зелени’ и дигитални технологии за трансформација на производствените и деловните процеси;
  • Развој и воведување на нови по-еколошки процеси и стандарди за производство и работа;
  • Набавка и воведување на нови дигитални решенија (софтвер, алатки, лиценци и сл.) и развој на дигитални бизнис модели, кои може да вклучуваат дигитализација на каналите за продажба и набавки;
  • Градење на капацитетите на менаџментот и вработените за примена на новите технологии;
  • Подобрување на продуктивностa и ефикасностa на производствените и/или деловните процеси;
  • Намалување на трошоци на производство и оперативно работење;
  • Подобрување на ефикасностa при употреба на ресурси;
  • Активности за намалување на негативното влијание врз животната средина;
  • Значително подобрување на квалитет и додавање на нови или значително подобрени карактеристики на производите и услугите како резултат на промените во понудата и побарувачката поврзани со последиците од КОВИД-19 кризата (вклучително стандардизација и сертификација);
  • Развивање на нови канали за продажба и активности за влез или експанзија на нови пазари – градење на постабилна и поодржлива мрежа на добавувачи.
  • Листата на активности не е ограничувачка.

Времетраењето на проектот може да биде до 18 (осумнаесет) месеци. Рок на аплицирање до 06.04.2021, до 14 часот

За сите дополнителни информации посетете ја страната на ФИТР и за сите прашања пишете на zabrzanrast@fitr.mk

Заинтересираните компании имаат можност да добијат бесплатна менторска поддршка во рамките на ваучерска шема обезбедена преку Бизнис центарот од Источен плански регион.

Со пополнување на апликацијата компанијата се стекнува со право за добивање на менторска поддршка и тоа на следниот линк: Апликација за менторска поддршка во рамките на ваучерска шема обезбедена преку Бизнис центарот од Источен плански регион (google.com)

Одржана (XX) Дваесетта Седница на Советот за развој на Источен плански регион

Советот за развој на Источен плански регион на ден 28.12.2020 година и 29.12.2020 година (продолжение), онлајн на виртуелната платформа ZOOM, ја одржа својата (XX) Дваесетта Седница.

На седницата е верификуван мандатот на новиот член на Советот – Д-р Сашко Николов, избран Градоначалник на општина Штип според резултатите на предвремените избори за Градоначалник на Општина Штип, одржани на 13-ти декември 2020 година.

Д-р Сашко Николов е избран и за Претседател на Советот за развој на Источен плански регион.

На истата Седница за Раководител на Центарот за развој на Источен плански регион е избрана Г-ѓа Зујица Ангелова.

На дваесетта Седница, Советот за развој на Источен плански регион го усвои Финансискиот план на Центарот за развој на Источен плански регион за 2021 година и го донесе Годишниот Акционен план за 2021 година за спроведување на Програмата за развој на Источниот плански регион 2020-2024.

Четврта форумска сесија за презентирање на резултатите од спроведениот проект „Реконструкција на Ски Лифтовите на Пониква“

Четврта форумска сесија за презентирање на резултатите од спроведениот проект „Реконструкција на Ски Лифтовите на Пониква“

Центарот за развој на Источен плански регион организираше четврта (последователна) сесија од програмата „Регионални форуми во заедницата“, во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, со поддршка на Министерството за локална самоуправа на РСМ и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Четвртата форумска сесија се одржа на 29-ти декември (вторник) 2020 година.

На средбата присуствуваше Градоначалникот на општина Штип, д-р  Сашко Николов, Раководителот на ЦРИПР г-ѓа Зујица Ангелова, вработени во ЦРИПР, претставници од општините како и други засегнати страни од Источен плански регион (јавни институции, приватен и граѓански сектор), и др.

На оваа форумска сесија се презентираа резултатите од спроведениот проект „Реконструкција на Ски Лифтовите на Пониква“. На сесијата се даде и информација за проектите кои не се финансирани со средства од Форумот и препораки дадени од форумот.

Регионалниот форум во заедницата е програма која има за цел вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки и зголемување на транспарентноста и одговорноста на општините и регионот.

Галерија