Одржана VII (Седма) Седница на Советот за развој на Источен плански регион

Советот за развој на Источен плански регион, на ден 04.11.2022 година, во општина Пробиштип, ја одржа VII (Седмата) Седница. На Седмата Седница членовите беа презентирани:
  • Можностите за мултифункционално искористување на водните ресурси од Источен плански региони, врз основа на Студијата за можности за регулација на река Брегалница (мини акумулации, брани и каскади);
  • Концептот на Решенија засновани на природата за пречистување на водите и адаптација на климатските промени;
  • Можноста од спроведување на организиран регионален пристап во однос на заштита на населението во Источен плански регион од вектор-преносливи болести преку дезинсекција на возрасни комарци – презентер претставник од Центар за јавно здравје Скопје.
Имаше информации за:
  • Проекти за развој на планскиот регион за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година;
  • Процесот на избор за финансирање на инвестициски предлог-проект во рамки на Грантовата шема на МЛС/СДЦ “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – II фаза”;
  • Начинот на организирање и спроведување на регионални консултации – форуми за утврдување на Предлог – листа за  финансирање на проекти за развој на Источен плански регион од Програмата 2023/2024.
На седницата се донесоа следните Одлуки:
  • Одлука за преотстапување на изграден објект „Рехабилитација на полски пат во село Вирче, општина Делчево (завршеток на траса)“;
  • Одлука за преотстапување на изграден објект „Реконструкција на постоечка улица 3 во туристичка населба Беровска езеро, општина Берово“;
  • Одлука за избор на Претседател на Советот за развој на Источен плански регион.
За Претседател на Советот за развој на Источен плански регион е избран Градоначалникот на општина Кочани – Г-дин Љупчо Папазов.

Галерија

Прва регионална форумска сесија

Центарот за развој на Источен плански регион во рамки на „Регионалните консултации – форуми“ организирани и спроведени од страна на Бирото за регионален развој – Министерството за локална самоуправа, започнува со реализација на циклус на Регионални форуми финансирани од страна на Министерство за локална самоуправа и Швајцарската Амбасада.

Имајќи ја во предвид потребата за подобрување на капацитетите на центрите во подготовката, управувањето и имплементацијата на иновативни регионални проекти како и  зголемување на транспарентноста и одговорноста на регионалните совети се пружи одлична можност во координација  и соработка со релевантните засегнати страни приватниот сектор, академската заедница, и граганското општество да се одлучува  за она што е приоритет и потреба во регионот.

Една од активностите на овој проект е токму организација на форумски сесии. Во рамките на предвидените форумски сесии ќе се дискутира за проблеми кои го засегаат регионот и ќе се нудат решенија од кои ќе произлезат проектни идеи/концепти за предлог проекти. Од овие концепти за предлог идеи учесниците на форумот ќе ги изберат најприоритетните, кои ќе конкурираат за реализација од проектниот фонд. На последната сесија ќе се даде информација за реализација на избраниот/избраните проект/и и препораки.

На првата форумска сесија учесниците ќе имаат можност да се запознаат со форумскиот процес, да дискутираат за приоритетните проблеми поврзани со избраната област и да предложат приоритетни решенија.

Првата форумската сесија ќе се одржи на 11.11.2022 (петок) со почеток од 10:00 часот, во Хотел Изгрев – Штип.

Регионален форум за женско претприемништво

МОЖНОСТИ И ПРИСТАП ДО ФИНАНСИИ – ВАЖЕН ФАКТОР ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

На ден 26 октомври 2022 година се оддржа регионален форум за женско претприемништво на тема МОЖНОСТИ И ПРИСТАП ДО ФИНАНСИИ – ВАЖЕН ФАКТОР ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО, во рамки на Националната платформа за женско претприемништво.

Регионалниот форум го отвори Градоначалникот на Општина Кочани, Г-дин Љупчо Папазов, Г-ѓа Валентина Дисоска –Претседател на Здружение на Бизнис жени и на Националната платформа за женско претприемништво, а за Национална платформа за женско претприемништво, за целта и карактеристиките на платформата зборуваше Г-ѓа Елена Блажевска.

На Панел дискусија „Можности и пристап до финансии – важен фактор за женско претприемништво“ учествуваа Г-ѓа Зујица Ангелова, Директор на Центар за развој на Источен плански регион, која зборуваше за целите и можностите што Источниот плански регион ги нуди на жените претприемачи, др.проф. Јанка Димитрова –Универзитетски професор при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, зборуваше за инпутите што тие како професори по претприемништво ги даваат на студентите, Александра Кирилова – Директор на фондацијата “Прогресив Академија“ од Виница ги претстави едукативните центри во нивната Академија и Биљана Митева –Управител – „Екопроект-Ко“ ДОО Кочани, зборуваше за своето искуство од бизнис светот.

Регионалниот форум беше посетен од околу педесетина учесници, пред се жени дел од деловниот свет. 

Галерија

Втор регионален саем за поддршка на социјални претпријатија во ИПР

На 21 октомври 2022 година, Центарот за развој на Источен плански регион на Плоштадот „Слобода“ во општина Штип го организираше вториот регионален саем за поддршка на социјални претпријатија, во рамки на проектот „Поддршка на социјалното претприемништво“ финансиран од Европската Унија, кој го спроведува Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, во кој краен корисник е Министерството за труд и социјална политика.

Во рамки на регионалниот саем, свои производи и услуги презентираа и понудија околу дваесетина социјални претпријатија и граѓански организации од регионот, кои се занимаваат со економски активности и прават добро за општеството, вработуваат маргинализирани групи и го реинвестираат својот профит со цел решавање на одредени општествени проблеми.

На саемот присуствуваа и свое обраќање имаа Г-ѓа Зујица Ангелова, Директор на Центарот за развој на Источен плански регион и на Регионалната канцеларија за поддршка на социјалните претпријатија, која ги поздрави идните и формално-правно социјални претпријатија, се заблагодари на поддршката и довербата, и го поздрави овој нашироко прифатен концепт, кој веќе е препознаен по придонесот кој го нуди во решавање на општествено-социјалните проблеми на заедницата.

Свое обраќање имаше и Г-ѓа Барбара Садовска, тим лидер на проектот „Поддршка на социјално претприемништво“, која има значајна улога во спроведувањето на концептот за социјалното претприемништво, како алатка за социјална инклузија и одржлив локален развој во земјава.

Во текот на саемскиот ден беа оддржани и две дополнителни работилници за можностите кои ги нуди Законот за јавни набавки за спроведување на резервирани договори и маркетинг на социјални претпријатија.

Регионалниот саемот за поддршка на социјалните претпријатија е дел од серијата промотивни настани во рамки на проектот. 

Галерија

Потпишани договори за шест регионални проекти за развој на Источниот плански регион

На 11 ноември 2022 година, Директорот на Бирото за регионален развој Г-дин Рамиз Реџепи и Директорот на Центарот за развој на Источен плански регион Г-ѓа Зујица Ангелова, потпишаа 6 (шест) Договори за финансирање на регионални проекти за развој на Источниот плански регион.

Средствата во висина од 52 милиони денари се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година, преку Министерство за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

Истовремено, обезбедени се и средства во висина од 3.5 милиони денари, кофинансирање од страна на општините, крајни корисници во проектите.

Во 2023 година во Источниот плански регион ќе се работи на:

  1. Унапредување на условите за развој на манифестациски туризам;
  2. Подобрување на туристичката сигнализација и инфраструктура;
  3. Уредување на рекреативен Центар во туристичка населба Равна река во општина Пехчево;
  4. Унапредување на условите за развој на спортско рекреативен туристички Центар Пониква и
  5. Подобрување на состојбата со каналите за наводнување и одводнување на река Зрновска.

Дополнително од заштедените средства од Програмата за развој на планските региони за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година, се потпиша и договор за изработка на комплетни технички документации за унапредување на конкурентските предности во регионот.

Целта на Програмата за рамномерен регионален развој е подобрување на благосостојбата во сите осум плански региони, намалување на регионалните нерамномерности и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните преку остварување на рамномерен и одржлив развој на целата територија на државата.

Средствата ќе бидат максимално и одговорно искористени – сé со цел одржлив развој на регионот и подобар живот за граѓаните на Источниот плански регион! 

Галерија

Саемот на социјални претпријатија и граѓански организации

На 24 септември 2022 година се оддржа Саем на социјални претпријатија и граѓански организации на платото пред Центарот за социјални претпријатија (позади Спомен куќата на Мајка Тереза), во рамки на проектот на ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија”, имплементиран од Ептиса, Барка и Екорис, каде краен корисник е Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Цивика мобилитас.

Над 40-тина организации имаа можност да ги претстават своите производи и услуги. Социјалните претпријатија преку економски активности прават добро за општеството, тие вработуваат маргинализирани групи и го реинвестираат својот профит со цел решавање на одредени општествени проблеми.

Социјалното претприемништво иако е во почетна фаза, сепак има веќе воспоставена основа во нашата држава, имаме усвоена национална стратегијата за социјално претприемништво, изработен е и нацрт-закон за социјално претприемништво.

На официјалното отворање на саемот свое обраќање имаа Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, Амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Македонија, Н.Е Вероник Улман и Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Н.Е Дејвид Гир.

Пет идни социјални претпријатија од Источниот плански регион учестуваа на националниот саем каде граѓаните имаа можат да видат занаетчиски производи, накит, мебел, ламби, облека и итн. и да се запознаат со работата на социјалните претпријатија, гледајќи од блиску што значи да се биде социјално претпријатие и кои се придобивките од истите.

Во рамки на саемот на социјални претпријатија и граѓански организации се оддржа и обука за јавни набавки за градоначалници од Македонија и од земјите членки на ЕУ. Законот за јавни набавки отвора можности за поддршка на социјалните претпријатија на локално ниво.

Саемот за поддршка на социјалните претпријатија е дел од серијата промотивни настани во рамки на проектот. 

Галерија

Потпишување на договор за Изградбa на Градски пазар во Делчево

На ден 25.07.2022 година беше потпишан Договор за втората фаза од изградбата на современиот градски пазар во Делчево помеѓу Центарот за развој на ИПР, Зујица Ангелова и изведувачот, фирмата ПАНЕЛ-М од Тетово, како и Општина Делчево, како краен корисник. Вкупната вредност на работите согласно со овој Договор е 28.488.960 денари со вклучен ДДВ. Средствата во висина од 13,9 милиони денари се обезбедени од Буџетот на Владата на РСМ согласно со Одлуката за доделување средства за финансирање проекти за развој на планските региони за 2021 г. со индикативно планирани средства за 2022 г. Средствата во висина од 14.501.752 ден со вклучен ДДВ се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево. Со реализацијата на овој проект, Делчево за прв пат добива современ градски пазар со целата инфраструктура, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање храна и најразновидна стока, како и соодветен паркинг– простор. Градскиот пазар е со површина на градежна парцела 11.599 м2 и содржи продажен простор за земјоделски производи, но и други стоки.

Галерија

Потпишан договор за Осветлување на дел од магистрален пат А3

На 13.07.2022 година, во просториите на општина Македонска Каменица, се потпиша Договор за реализација на проектот „Осветлување на дел од магистрален пат А3 кој поминува низ Македонска Каменица“ помеѓу Центарот за развој на Источен плански регион и ДТПР Елмонд Електро ДОО – Скопје.

Вкупната вредност на проектот е 6.179.973,55 денари.

Средстсвата за реализација на проектот се обезбедени од Програмата за финансирање на проекти за развој на планските регион за 2021 година со индикативно планирани средства за 2022 година, како и кофинансирање од општина Македонска Каменица.

Со реализација на проектот ќе бидат поставени 56 светилки, со што ќе се зголеми видливоста на патот а со самото тоа ќе се зголеми и безбедноста во сообраќајот.

Предвидено е реализацијата на проектот да трае 4 месеци.

Информативен настан за отворен повик за проектни предлози во рамки на билатералната развојна соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија

На ден 18.07.2022 година се  одржа информативен настан во Клубот на пратеници во Скопје, во организација на  Амбасадата Република Словенија и Секретаријатот за европски прашања на Република С. Македонија, во врска со  објавениот повик за проектни предлози во рамки на билатералната развојна соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија.  На настанот презентација имаа  Директорката на Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија Г-ѓа Мојца Копша,  Раководителот на Сектор за развојна и хуманитарна помош при Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Г-дин  Роберт Кокаљ и  воведно обраќање имаше Г-ѓа Дрита Абдиу Халили, Државна секретарка при Секретаријатот за европски прашања. Република Северна Македонија и Република Словенија имаат успешна билатерална развојна соработка, во рамки на која се спроведени бројни активности на техничка соработка, поврзана со подршка на евроинтегративниот процес, како и значајни инфраструктурни проекти насочени кон унапредување и подршка на социо-економскиот живот. Ваквата соработка продолжува и во идниот период со можност за подршка и кофинансирање на проекти во Северна Македонија кои ќе придонесат кон нашите развојни цели. Воедно, на состанокот беше Потпишан договор меѓу општина Охрид и ЦМРС за словенечко кофинансирање на реновирањето на филтер станицата Охрид.

Галерија

Потпишан Договор во Струмица за пристапен земјоделски пат

На ден 07.07.2022 година беше потпишан Договор за пристапен земјоделски пат во Делчево , со кој од страна на МЗШВ преку Центарот за развој на ИПР на Општина Делчево ѝ се доделени 1,85 милиони денари за рехабилитација на земјоделски пат во месноста Долни Бавчи. Патот е во должина од 1000 метри и води од мостот на ул. „Индустриска“ покрај реката Брегалница во месноста Долни Бавчи. Ова значи дека земјоделците во месноста Долни Бавчи ќе добијат соодветна патна инфраструктура, полесен пристап до земјоделските површини или до нивните објекти.Сведоци бевме дека при поројни дождови беше оневозможено движењето со возила и со земјоделска механизација до земјоделското земјиште на овој терен и сега го решаваме овој проблем.  

Галерија