Skip to content
IMG_0112

ДАТУМ

септември 28, 2026

Категории

Реализирано студиско патување во Литванија во рамките на проектот „Активни центри за стареење: Подобрување на социјалното, физичкото и менталното здравје за благосостојба на старите лица – ACT-Age“

Претставници на Центарот за развој на Источен плански регион, општина Берово и општина Штип присуствуваа на студиско патување во Литванија во периодот 23-24 септември 2026 година, како дел од активностите предвидени со проектот за подобрување на социјалното, физичкото и менталното здравје за благосостојба на старите лица – ACT-Age.

Целта на студиското патување беше да се согледаат примерите од Литванија за како може да се обезбеди продолжувањето на животниот век да резултира не само со повеќе години живот, туку и со поголеми можности за задржување на независноста, активноста и вклученоста во општеството.

Присутните претставници имаа можност да се запознаат со добрите практики и искуства од Литванија и од други европски региони, истовремено истражувајќи начини за зајакнување на политиките за здраво и активно стареење и за подобра интеграција на здравствените, социјалните и услугите во заедницата.

Практиките од Литванија претставени на дводневната студиска посета покажаа дека решенијата за активно стареење можат да бидат многу разновидни – од „рецепт за социјална интеракција“ и доживотно учење до дигитална писменост, физичка активност, волонтирање и вклучување на постарите лица во процесите на донесување одлуки.

Студиската посета започна со презентација на членот на литванското Собрание кој даде осврт дека иако европските земји имаат различни здравствени и социјални системи, се соочуваат со слични демографски трендови. Пратеникот елаборираше за актуелностите во литванското законодавство кои се релевантни за темата на проектот и посочи дека моделот што функционира во една земја не може едноставно да се пренесе во друга; од клучно значење е да се учи едни од други и решенијата да се прилагодат на специфичниот контекст на одредена земја или регион.

Преку презентацијата за искуството на универзитетите за третата доба, беше истакната важноста на учењето, социјалната интеракција и социјалниот капитал за лицата постари од 60 години. Претставниците потенцираа дека овие универзитети обединуваат луѓе со различни професионални, образовни и животни позадини, кои за нив претставуваат начин за градење врски, испробување нови активности и намалување на социјалната изолација.

Искуството споделено од Литванскиот сојуз на пензионери „Бочаи“, дополнително потврди дека активното стареење е нераскинливо поврзано со учеството во животот на заедницата. Активностите на организацијата опфаќаат културни активности, образовни активности, волонтирање, граѓанско застапување и иницијативи во заедницата.

Дополнително, беше направена и презентација на иницијатива на невладина организација која се занимава со реализација на активности за дигитална писменост наменети за постарите лица. За време на овие сесии, повозрасните лица учат да користат паметни телефони, компјутери и дигитални услуги, додека младите волонтери кои помагаат во обуката придонесуваат за зајакнување на меѓугенерациските врски.

Од практичните примери, се реализираше и посета на Бирото за јавно здравје во Вилниус, кое спроведува активности за унапредување на јавното здравје и превенција од болести на општинско ниво. Програмите наменети за постарите лица ставаат силен акцент на физичката активност, психолошката благосостојба, социјалното вклучување и развивањето здрави навики за живот и исхрана.

Уште една студиска посета беше организирана во Универзитетот за трета доба „Медардас Чоботас“, институција посветена на образованието на лица постари од 55 години. Неговите активности се фокусираат не само на учењето, туку и на социјалната интеграција на постарите лица, нивното активно учество и можностите да останат составен дел од заедницата.

Партнерите во проектот исто така имаа можност да презентираат добри практики од нивните државни поврзани со активното стареење. Центарот за развој на Источен плански регион го презентираше примерот за домот за стари лица „Др. Иван Влашки“ во Берово, како начин на проширување на услугите на домот за стари лица, од место за престој во установа која овозможува поширок дијапазон на услуги наменети и за подобрување на психо-физичкото здравје на старите лица.

Примерите претставени од останатите партнери во проектот претставија различни начини на кои се спроведуваат принципите на активно стареење: од установи за грижа за постари лица – каде што, покрај услугите за нега, се создаваат услови за физичка активност, социјална интеракција и ангажираност – па сè до локални мрежи за здравствени и социјални услуги што ги поврзуваат општините, стручните лица, невладиниот сектор и волонтерите.

Покрај можноста за размена на знаења и искуства за активното стареење, дводневната средба овозможи и одржување на работен состанок на проектните тимови на сите партнери на кој се дискутираше за предизвиците во имплементацијата на проектот, идните чекори и финансиските аспекти.

Проектот „Активни центри за стареење: Подобрување на социјалното, физичкото и менталното здравје за благосостојба на старите лица – ACT-Age“ е финансиран од програмата Interreg Europe и се реализира во партнерство со 9 други организации.

Споделeте:

Email
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Telegram