Skip to content
Одржана Прва форумска сесија за идентификација на проекти за финансирање во 2027 година

ДАТУМ

ноември 17, 2026

Категории

Одржана Прва форумска сесија за идентификација на проекти за финансирање во 2027 година

Центарот за развој на Источен плански регион го започна процесот на регионални консултации и ја одржа Првата форумска сесија на 17.11.2026 година во Хотел Изгрев во Штип.

На првата сесија учествуваа шеесетина претставници на општините, невладините организации, јавните комунални претпријатија, бизнис секторот, младински организации, совети за социјална заштита и останати заинтересирани страни од Источниот плански регион.

На сесијата учесниците согласно правилата на форумскиот процес дискутираа за приоритетните области од Програмата за развој на Источен плански регион за кои сметаат дека треба да биде насочената работата на Центарот за развој на Источен плански регион во 2027 година. Како приоритетна област беше избрана стратешката цел 2 „Обезбедување на квалитетни и инклузивни социјални, образовни и здравствени услуги“, додека пак како комплементарна област учесниците се одлучија за стратешка цел 3 „Одржливо управување со животната средина и природните ресурси“. Дополнително, се дискутираше и за регионалните проблеми со кои се соочуваат учесниците во рамките на нивните општини, за кои проблеми сметаат дека се итни и неопходни да добијат поддршка за адресирање во следната година, предложувајќи и соодветни решенија за истите.

Работата по Првата форумска сесија продолжува со теренски посети во сите општини во рамките на регионот, на кои претставници од Центарот за развој на Источен плански регион и надворешниот експерт ќе ја утврдат спремноста на општините во однос на предложените проблеми и решенија од форумскиот процес. Во зависност од техничката подготвеност на општините, ќе бидат развиени предлог концепт-решенија кои ќе бидат презентирани на седница на Советот за развој на Источен плански регион.

Форумскиот процес продолжува со Втората регионална работилница која е планирана за 18.12.2026 година, на која учесниците ќе ги разгледаат изработените предлог концепт-решенија, ќе даваат коментари и сугестии за подобрување на нивната содржина и ќе извршат нивна приоретизација.

Процесот за спроведување на  регионалните консултации во Источен плански регион е поддржан од страна на Министерството за локална самоуправа преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – II фаза“, кој се спроведува со поддршка на Швајцарската Агенција за развој и соработка.

Споделeте:

Email
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Telegram