На 14 и 15 октомври 2026 година, во Естонија се одржа четвртата партнерска средба и семинар во рамки на меѓународниот проект PROTECH – „Превентивни пристапи кон конзервацијата на европското културно наследство“ (Preventive appROaches To the conservation of Europe’s Cultural Heritage).
Средбата ги обедини партнерите и експертите од областа на заштитата на културното наследство, со цел размена на знаења, искуства и добри практики за унапредување на превентивната конзервација и одржливото управување со културното наследство.
Програмата започна со студиска посета на островот Наисаар (Naissaar), каде учесниците се запознаа со одбрани локалитети од културното и военото наследство. Посетата овозможи непосредно согледување на предизвиците поврзани со управувањето, зачувувањето и презентацијата на комплексни културни предели.
Вториот ден, во Естонскиот воен музеј – Музејот „Генерал Лајдонер“, се одржа семинар посветен на интегрираниот пристап кон управувањето со културното наследство.
Во рамки на стручните сесии беа презентирани искуства и активности поврзани со управувањето со островот Наисаар, предизвиците во зачувувањето на историските објекти, како и превентивната конзервација на музејски предмети и уметнички дела.
Посебно внимание беше посветено на естонските добри практики, вклучувањето на локалните заедници во заштитата на наследството, дигиталното мапирање и користењето современи технологии за следење и заштита на културните добра.
Средбата заврши со дискусија за заклучоците, договорените активности и следните чекори во реализацијата на проектот.
Четвртата партнерска средба претставуваше значајна можност за продлабочување на меѓународната соработка, професионално поврзување и размена на искуства, придонесувајќи кон развој на поефикасни пристапи за долгорочно зачувување на европското културно наследство.

















