На 19 декември 2025 година, Центарот за развој на Источен плански регион ја организираше почетната прес конференција за проектот „Интегриран развој на препознатлив културен и close-to-nature туризам во Источен плански регион и регион Благоевград“.
Проектот опфаќа широко партнерство од 7 организации во кој Центарот за развој на Источен плански регион е водечки партнер. Од македонска страна партнерска институција е Општина Штип, додека пак од бугарска страна како партнери се јавуваат Општина Гоце Делчев, Општина Сандански, Здружение на претприемачите на регион Гоце Делчев, Туристичко здружение „Момини Двори“ и Здружение Савремие
На прес конференцијата која се одржа во хотел Оаза во Штип, присуствуваа и претставниците на останатите проектни партнери, министерот за локална самоуправа Златко Перински и заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Проектот „Интегриран развој на препознатлив културен и close-to-nature туризам во Источен плански регион и регион Благоевград“ со минимални интервенции има за цел да создаде неколку тематски туристички пакети кои ќе бидат привлечни за секој посетител и ќе ја подобрат моменталната ситуација во туризмот во прекуграничниот регион со што ќе додаде дополнителна вредност.
Проектот содржи инвестициски дел и дел за јакнење на капацитети и подготовка на значајни стратешки документи. Во поглед на инвестициските активности, активностите се фокусирани на Осоговските Планини и подобрување на постојната туристичка инфраструктура во смисла на долгогодишната идеја за заживување на овој дел од регионот како позната и атрактивна туристичка понуда, како и комплементарни активности за унапредување на туристичката инфраструктура во Сандански и Гоце Делчев.
За да се надминат предизвиците на прекуграничната област, проектот со меките мерки ќе ги опфати локалните и регионалните власти, малите и средните претпријатија, невладините организации, локалното население и туристите како целни групи.
Проектот „Интегриран развој на препознатлив културен и close-to-nature туризам во Источен плански регион и регион Благоевград“ е финансиран од Interreg VI-A IPA Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, во кој водечки партнер е Центарот за развој на Источен плански регион.
Вкупната вредност на проектот е 1,054,056.20 € и ќе се реализира заклучно со 2 април 2027 година.








