Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи („ПЗУ“) за забрзан економски раст, кои ги исполнуваат условите од Правилникот за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст.
Целта на поддршката е претпријатијата да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација.
Поддршката е наменета за претпријатијата и ПЗУ (приватни здравствени установи) кои имаат јасно идентификувана потреба од нови технологии која ќе има значително и мерливо позитивно влијание во еден или повеќе од следните аспекти од нивното работење: зголемена продуктивност и ефикасност, намалување на трошоци и употреба на ресурси, намалување на негативното влијание врз животната средина, подобар квалитет и нови карактеристики на производите и услугите кои ги нудат на пазарот, за развивање на нови канали за продажба, влез, експанзија на нови пазари или за градење на постабилна и поодржлива мрежа на добавувачи.
Преку овој Инструмент Фондот обезбедува финансиска поддршка:
– до 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 2.500.000,00 (два милиони и петстотини илјади) денари за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е до 10 (десет) вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 50.000,00 (педесет илјади) евра.
– до 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 5.000.000,00 (пет милиони) денари, за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 10 до 50 вработени и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 50.000,00 (педесет илјади) евра, а помал од 2.000.000,00 (два милиони) евра, финансирање до 70% од вкупниот буџет на проект.
– до 60% (шеесет проценти) од вкупниот буџет на проект, но не повеќе од 10.000.000,00 (десет милиони) денари за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 50 до 250 и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2.000.000,00 (два милиони) евра, а помал од 10.000.000,00 (десет милиони) евра, финансирање.
Износот на остварени годишни приходи и просечен број на вработени се утврдува согласно финансиските извештаи за последни две години (2022 и 2021 година).
Максималните граници на остварени приходи според кои се определува процентот и максималниот износ на кофинансирање се изразени во евра и се пресметуваат според средниот курс на НБРМ за евро на денот на објавување на јавниот повик.
Апликантот обезбедува сопствено кофинансирање од 30% (за микро и мали претпријатија) односно 40% за средни претпријатија од вкупниот буџет на проектот.
Средствата добиени од Фондот по која било друга основа, како и средствата добиени по основ на која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на апликантот.
- Да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот Регистар на Република Северна Македонија или да е приватна здравствена установа основана согласно Законот за установи и Законот за здравствената заштита регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
- Да не е поврзан (согласно Законот за трговските друштва) со друго претпријатие и/или ПЗУ чии годишни приходи надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра и просечен број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, согласно член 10 став 1 точка 5 од Правилникот и одредбите од Јавниот конкурс, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научноистражувачка установа;
- Против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
- Да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
- Против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
- Апликанти со над 3 (три) години на постоење до моментот на аплицирање да немаат остварена загуба согласно финансиските извештаи за последните две календарски години.
- Да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиски институции заклучно состојба на крај на месец Февруари 2020, односно пред почеток на кризата предизвикана од Ковид 19, издадена од Македонско кредитно биро;
- Да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истата намена/мерка да не добива државна помош од два различни извори поради тоа што таквата помош не е дозволена.
- Набавка и воведување на нови, иновативни, напредни, ‘зелени’ и дигитални технологии за трансформација на производствените и деловните процеси;
- Развој и воведување на нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа;
- Набавка и воведување на нови дигитални решенија (софтвер, алатки, лиценци и сл.) и развој на дигитални бизнис модели, кои може да вклучуваат дигитализација на каналите за продажба и набавки;
- Градење на капацитетите на менаџментот и вработените за примена на новите технологии;
- Подобрување на продуктивностa и ефикасностa на производствените и/или деловните процеси;
- Намалување на трошоци на производство и оперативно работење;
- Подобрување на ефикасностa при употреба на ресурси;
- Активности за намалување на негативното влијание врз животната средина;
- Значително подобрување на квалитетот и додавање на нови или значително подобрени карактеристики на производите и услугите како резултат на промените во понудата и побарувачката поврзани со последиците од КОВИД-19 кризата (вклучително стандардизација и сертификација);
- Развивање на нови канали за продажба и активности за влез или експанзија на нови пазари – градење на постабилна и поодржлива мрежа на добавувачи.
Листата на активности не е ограничувачка.
- Бруто плати за вработените лица кај апликантот кои ќе бидат ангажирани на проектот. Износите на бруто плати на вработените-ангажирани на проектот треба да соодветствуваат на воспоставените практики на корисникот пред почеток на проектот, намалени за износот на потенцијална државна субвенција примена по основ на плата;
- Трошоци за техничка поддршка (експертиза), трошоци за договорни услуги за истражување, развој, дигитализација (пр. тестирање, лабораториски услуги и слично);
- Трошоци за набавка и изнајмување на опрема, софтвер, алатки од информатичка технологија и суровини и потрошен материјал, директно поврзани со реализација на проектот;
- Трошоци поврзани со спроведување на план за технолошки развој на Апликантот;
- Други оперативни трошоци директно поврзани со реализацијата на проектот, освен оние кои не се подобни за финансирање преку овој Инструмент.
Само трошоците направени за време на проектот во согласност со одобрениот буџет на проектот и реализирани до крајот на проектот се подобни за финансирање.
При распределба на буџетот по квартали, апликантот треба да води сметка за рамномерност во распределбата на буџетот oдносно износот за секој одделен квартал да не се разликува од останатите квартали за повеќе од 30 (триесет) %.
- Технолошки напредок и степен на дигитализација;
- Квалитет на проектот;
- Капацитет на проектниот тим;
- Влијание.
Критериумите и подкритериумите за евалуација на проектите се наведени во образецот – Табела за евалуација.
Времетраењето на проектот може да биде до 18 (осумнаесет) месеци.
За финансирање проекти под овој конкурс за овој Инструмент обезбеден е вкупен буџет од 5.060.000,00 (пет милиони и шеесет илјади) евра во денарска противвредност
Сите обрасци за аплицирање може да ги преземете со клик на копчето „Преземи документација“.
Уредно да се пополнат, потпишат и заведат со печат:
- Образец за проектна апликација;
- Образец за буџет на проектот;
- Изјава на Апликантот за прифаќање на условите на Фондот;
- Нотарски заверена Изјава за сопственичка – основачка структура на Апликантот и
- Кратки биографии на лицата кои го сочинуваат проектниот тим, ангажиран во проектот (најмногу за 5 (пет) лица).
Проектната апликација, буџетот на проектот и биографиите треба да бидат пополнети на македонски и на англиски јазик и во PDF формат да се прикачат на формуларот за аплицирање со клик на копчето „Аплицирај“.
Останатата документација треба да биде доставена само на македонски јазик.
Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 05.05.2023 година, до 14:00 часот.
За финансирање ќе бидат земени во предвид само оние предлог проекти кои се доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.
За сите дополнителни информации можете:
- да ни пишете на електронската адреса:zabrzanrast2023@fitr.mk
- да се јавите на телефонскиот број: 02 3145 258
Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот како и на социјалните мрежи (Фејсбук и Инстаграм).
No comment yet, add your voice below!