
На 26.03.2026 година, Центарот за развој на Источен плански регион ја одржа првата средба со засегнатите страни во проектот „Зајакнување на регионални и локални центри за привлекување и задржување на таленти и инвестиции – МАГНЕТ“.
На средбата присуствуваа претстaвници на идентификуваните чинители на национално, регионално и локално ниво: Агенција за иновации, научно технолошки развој и претприемништво, Регионална канцеларија на Стопанска Комора на Македонија, Универзитет „Гоце Делчев“ и Општина Штип, како директни институции кои можат да придонесат за креирање на иновацискиот екосистем на Источниот плански регион. На првиот состанок присутните претставници се запознаа со идејата и целите на проектот, разговараа за можностите кои што можат да се добијат доколку постои хоризонтална и вертикална интеграција на државните институции во создавањето на поволни услови за привлекување на инвестиции и таленти во регионот, се информираа за досегашните реализирани активности од страна на Центарот за развој на Источен плански регион и останатите партнери во проектот, како и идните чекори кои претстојат во текот на годината.
Воедно, присутните разговараа и за идентификуваниот стратешки документ кој што е предмет на интервенција во рамките на проектот и за предусловите кои овозможуваат да се поттикне создавање на претприемничка култура и иновациски екосистем.
Крајната цел на проектот МАГНЕТ е да ја подобри интеграцијата на услугите и алатките за инвестиции и привлекување/задржување на таленти како би се постигнал подобар економски раст со позитивно влијание врз вработувањето, со квалификувана работна сила во однос на потребите на стратешките вредносни синџири.
Проектот МАГНЕТ се имплементира со финансиски средства од ЕУ, во рамките на Програмата Interreg Europe





