Skip to content
dom za stari lica

ДАТУМ

јуни 30, 2026

Категории

Трансформација за иднината: Како активното стареење може да изгради поотпорен регион

Демографските статистики се јасни: населените места во Источен плански регион, во споредба со урбаните центри како Скопје, се карактеризираат со поголем процент на повозрасно население. Стареењето на населението е една од најголемите демографски реалности на 21-виот век.

Благодарение на програмата Interreg Europe, нашиот регион има уникатна можност да креира проактивен пристап кон овој европски предизвик. Со прифаќање на принципите на активно стареење, стануваме предводници во градењето на поотпорни, повитални и посилни заедници со зголемен квалитет на живот.

Преку проектот „ACTAge“, Источниот плански регион разменува добри пракси со европските партнери за да преточи мерки и стратегии за трансформација на општеството од реактивно во проактивно. Оваа промена е клучна и во борбата со социјалната изолација, која силно влијае врз менталното и физичкото здравје на старите лица.

Во рамките на Проектот, Центарот за развој на Источен плански регион ги здружува силите со чинителите на локално и централно ниво за да создаде интегриран систем за грижа на старите лица. Нашата цел не е парцијално, туку заедничко, регионално решавање на предизвиците!

Во суштина, активното стареење е процес на оптимизирање на можностите за благосостојба, учество во заедницата и безбедност, со цел подобрување на квалитетот на животот на повозрасните граѓани.

За ваквиот регионален одговор и пристап во грижата за стари лица најдобар постоечки пример во регионот е Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“ во Берово. Оваа институција не функционира изолирано само за една општина – таа претставува регионално јадро за згрижување, кое ги отвора своите врати и капацитети за повозрасните сограѓани од целиот Источен плански регион. Заедничките напори на Центарот за развој на Источен плански регион, Министерство за локална самоуправа, Швајцарската Агенција за развој и соработка и општина Берово, веќе докажаа дека кога институциите ќе се спојат со заедничка цел за подобрување на условите за стари лица, регионот добива одржлив модел за долготрајна грижа и достоинствено стареење.

Но, вистинскиот предизвик за во иднина е како постојната инфраструктура во регионот да се надгради за максимизирање на активното и здраво стареење. Што може во иднина да се подобри во рамките на институционалната и вонинституционалната грижа за да се поттикне активниот начин на живот? Кои се најдобрите модели на активно стареење кои можат да се реплицираат?

Главниот фокус и директен резултат од проектот „ACTAge“ за Источен плански регион е унапредување на стратешките политики во регионот преку развој на нови стратегии и мерки. Преку изработка на сеопфатна анализа на благосостојбата на старите лица и поврзаните социјални аспекти, како и развој на нова долгорочна стратегија за развој на регионот, проектот ќе ги даде одговорите на погорепоставените прашања и ќе го трасира патот за воспоставување на идни центри за активно стареење во регионот.

Преку планирање на иновативни содржини во рамките на новите стратешки документи, Источниот плански регион се стреми да трасира пат каде капацитетите како Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“ во Берово и сличните идни центри нема да бидат само „сместување“, туку простори каде стареењето ќе се доживува активно и соодветно на модерното време.

Инвестицијата во нашите постари сограѓани е инвестиција во сите нас. Со оваа иницијатива ние не поддржуваме само благосостојба на една генерација, туку градиме поинклузивно, поотпорно и попросперитетно општество за сите жители на регионот.

Споделeте:

Email
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Telegram