Во присуство на надзорниот орган Дизајн Центар Инженеринг од Кавадарци, изведувачот Евроградба Инженеринг од с. Владевци беше и официјално воведен во работа за извршување на градежните активности за реконструкција на планинарскиот дом Црн Врв во Општина Пробиштип
Со проектот се предвидува целосна обнова на објектот, со трпезарија и мала кујна на приземјето, а на катот ќе се уреди простор за спиење и за одржување на помали работилници или средби. Изведувачот ќе направи промена и на кровната конструкција и ќе постави нова енергетски ефикасна фасада. Одржливоста на објектот ќе се обезбеди преку поставување на фотоволтаичен систем, резервоар за вода, бензински агрегат и монтажен тоалет. Воедно, ќе биде поставена и урбана опрема во дворната површина на објектот од типот на летниковец, клупи и маси, а ќе се набави и планинарска опрема од типот на стапови за планинарење, вреќи за спиење, хамоци и шатори. По реконструкцијата, планинарскиот дом ќе биде со капацитет за сместување на десетмина посетители и ќе биде целосно опремен за подолг престој.
Вкупната вредност на инвестицијата е околу 5.300.000,00 денари со дополнително обезбедени средства од општина Пробиштип од околу 725.000,00 денари. Крајниот рок за изведување на предвидените работи е до крајот на 2026 година.
Реконструкцијата на планинарскиот дом ќе се реализира во рамките на проектот „Интегриран развој на препознатлив културен и close-to-nature туризам во Источен плански регион и регион Благоевград“ кој што е финансиран од Европската Унија и Министерството за локална самоуправа, во рамките на Interreg VI-A IPA програмата за прекугранична соработка со Бугарија.
