Во периодот од 8 до 12 ноември 2025 година, претставници од Република Северна Македонија, во рамки на проектот „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот Регион“ (NEAR/SKP/2022/EA-RP/0137), реализираа студиска посета во Романија.
Делегацијата ги посети окрузите Прахова и Ковасна, каде се запозна со современи интегрирани системи за управување со отпад, кои ги опфаќаат сите фази – од селективно собирање и транспорт, до механичко-биолошки третман, компостирање и финално депонирање, во согласност со европските стандарди. Во Ковасна беше презентиран систем со стапка на рециклажа над 50%.
Особено значајна беше посетата на компанијата ECO BIHOR SRL, која како јавно-приватен оператор применува интегриран пристап во управувањето со отпад, вклучувајќи механичко-биолошки третман, компостирање и производство на енергија од биогас.
Во рамки на студиската посета беше остварен и состанок со претставници на Европската инвестициона банка, на кој беа разменети искуства и информации за можностите за поддршка на регионалните инфраструктурни проекти.
Стекнатите искуства и добри практики претставуваат значајна основа за унапредување на регионалните системи за управување со отпад во Република Северна Македонија и придонесуваат кон создавање почиста и поздрава животна средина.















