На 03 јули 2026 година во Општинскиот Мултимедијален Центар “Киро Глигоров” – Штип, се одржа прва регионална работилница за изработка на Национална Стратегија за развој на туризмот на РСМ за период 2027 – 2032 година.
На работилницата учество зедоа над 50 (педесетина) претставници од јавниот, невладиниот и приватниот сектор од Источниот плански регион.
На почетокот на работилницата од страна на претставници на Министерството за култура и туризам беше дадено кратко образложение на процесот и планираната динамика за изработка на Национална Стратегија за развој на туризмот на РСМ за период 2027 – 2032 година. Од страна на ангажираните експерти за изработка на новата Национална Стратегија за развој на туризмот преку кратка презентација беа презентирани клучните наоди од претходно спроведената анализа на состојба на туризмот во Источниот плански регион и заклучоците од истата. Развој на бањскиот и планинскиот вид на туризам се главни приоритети за развој на регионот во наредниот петгодишен период.
Вториот дел од работилницата беше посветен на преглед на образецот со податоци од туристичкиот сектор и за истиот беше даден простор за забелешки, коментари и предлози од учесниците. Преку конструктивна дискусија со сите засегнати страни од регионот се разгледуваше тековната состојба во секторот на туризмот со посебен акцент на проблемите со кои се соочуваат чинителите.
Голема благодарност до сите учесници за искажаниот интерес и конструктивната дискусија што е од особено значајно за успешно креирање на сеопфатна и реална Национална стратегија за развој на туризам, која ќе ги одразува потребите и приоритетите на локално, регионално ниво и национално ниво.
Процесот на изработка на Националната Стратегија за развој на туризмот на РСМ за период 2027 – 2032 година, се очекува да биде завршен во месец ноември 2026 година.

