„Патеката на Железната завеса”
Развивање на потенцијалите за алтернативен туризам во Македонија
Мрежата на велосипедски патеки ЕуроВело (EV) се состои од 12 висококвалитетни велосипедски патеки кои поврзуваат повеќе од 20 Европски земји. Оваа еколошка мрежа претставува глобален симбол за прекугранична соработка за зачувување на природата, како и двигател за зајакнување на туристичката понуда низ цела Европа. Постигната е согласност за вклучување на lCT како 13та велосипедска рута во рамките на мрежата на ЕуроВело.
„Патеката на Железната завеса” поврзува низа национални и прекугранични заштитени области по текот на поранешната Железна завеса – притоа минувајќи низ многу земји, вклучително и 14 ЕУ членки. Истата поврзува споменици, музеи и други градби кои сведочат за историјата на поделена Европа, како и за мирната револуција во Централна и Источна Европа. ICT е најдолгата патека од овој вид во светот и може да помогне во зајакнување на европскиот идентитет преку промоција на неговата богата историска, културна и природна средина (повеќе информации на www.ironcurtaintrail.eu).
Дел од „Патеката на Железната завеса“ поминува низ територијата на Македонија. Влегува низ граничниот премин кај Делчево и продолжува преку низински предел кон Пехчево и Берово. Рутата минува низ полиња и ливади и потоа продолжува во општина Струмица, за на крај преку Босилово да премине во општина Ново Село и излезе од Македонија на истоиментиот граничен премин. Патеката на одредени места е стрмна, но минува преку живописни ридови каде што може да се видат прекрасни пејсажи и културни споменици.
Центарот за развој на Источен плански регион и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во соработка со Програмата на Германската техничка соработка за регионален економски развој (ГТЗ РЕД) и Германската амбасада во Македонија, организираат меѓународен симпозиум под името „Патеката на Железната завеса” – Развивање на потенцијалите за алтернативен туризам во Македонија, со цел да отворат дискусија на следните теми: одржлив велосипедски туризам, ЕуроВело и „Патеката на Железната завеса”, како и да презентираат значајни активности имплементирани во склоп на европскиот велосипедски туризам и неговиот туристички потенцијал.
Симпозиумот „Патеката на Железната завеса” – Развивање на потенцијалите за алтернативен туризам во Македонија, има за цел да ја подигне свеста на сите засегнати страни на локално, регионално и национално ниво за алтернативен туризам долж ICT во пограничниот регион помеѓу Македонија и Бугарија.
Настанот ќе започне на 8 Април и ќе трае до 10 Април 2010 година.
Првиот ден ке се одржат работни средби на г-дин Михаел Крамер со авторитетите од двата плански региони.
На 9 Април ќе се оджи мегународниот Симпозиум во „Спомен Дом – АСНОМ”, Општина Делчево, Република Македонија, на кој ќе се презентираат можностите, придобивките и влијанијата кои патеката на железна завеса ги има врз економскиот развој. Воедно ќе се презентираат и најдобрите практики и панел дискусија за развој на потенцијалите на алтернативниот туризам во пограничните региони.
Последниот ден од настанот ќе се одржи и велосипедска тура долж можната идна ICT (Iron Curtain Trail) рута во Источниот и Југоисточниот плански регион во Република Македонија.
No comment yet, add your voice below!