Осоговските Планини располагаат со огромен потенцијал за развој на целогодишен туризам, нешто што низ годините многупати било повторувано, меѓутоа за жал, сите напори да се придвижат работите не се поместиле од мртва точка, сѐ до денес.
По иницијативата на Советот за развој на Источен плански регион поднесена до Владата на Република Северна Македонија во 2019 година, идејата за Изградба на ски центар на Царев Врв и развој на ски туризам на Осоговските Планини наиде на поддршка и одобрување од Владата на Република Северна Македонија на одржаната Владина седница на 29.05.2021 година препознавајќи ја како национален стратешки приоритет.
Во последните неколку месеци на иницијатива на Центарот за развој на Источен плански регион интензивно се реализираа повеќе состаноци со сите засегнати страни за следните чекори кои треба да се преземат за заживување на оваа иницијатива, која со максимална посветеност на сите засегнати страни, може да прерасне во модерен и современ ски центар, со содржини и капацитети кои ќе го рангираат во првите пет ски центри на Балканот.
Денес со министерот Љупчо Николовски, градоначалниците на општините Пробиштип, Кочани, Македонска Каменица, Крива Паланка и Кратово и Центарот за развој на Североисточен плански регион се потпиша меморандум за соработка кој ќе овозможи користење на средствата од Програмата за рурален развој на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за подготовка на потребната документација.
Овие средства ќе се искористат за обезбедување на солидна информациона основа за изработка на урбанистичкиот план за изградба на ски центарот на Царев Врв и развој на ски туризам на Осоговските Планини, односно ќе се направи ревизија, ажурирање и дополнување на постојната физибилити студија за Ски центар Царев Врв со идеен проект.
Основната цел на оваа студија е да ги ажурира содржините во наведениот простор, можностите за развој утврдени во планската документација, пред сѐ во Просторниот план на Република Северна Македонија, да се обиде да го дефинира соодветниот просторен модел на туристичкиот ресорт и да ги согледа позитивните, но и негативните ефекти од општествено-економскиот и законодавниот аспект. Студијата треба детално да ги третира просторно-планерските аспекти на процесот на основање и изградба на новиот туристички ресорт Царев Врв, преку кои се конкретизира општествената интенција за изградба на истиот.
Ажурирањето на физибилити студијата и идејниот проект ќе послужат за изработка на урбанистички план вон населено место со соодветна Стратегиска оцена за влијанието на животната средина, за кое нешто Центарот за развој на Источен плански регион планира да аплицира за средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.
Ски центарот Царев Врв би располагал со 36 стази со вкупна должина од 60 км, кои би биле опслужувани со 9 жичари и 3 ски лифтови и се простира на површина од 1200 хектари.
No comment yet, add your voice below!